Навивачка група од Грција попладнето го наруши јавниот ред и мир во центарот на Скопје поради што имаше зголемено полициско присуство на прометната сообраќајница кај „Рекорд“. Од МВР велат дека сторителите ќе добијат соодветни поднесоци.

Денеска околу 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачје на Центар-Скопје бил нарушен јавниот ред и мир од навивачи од навивачка група од Република Грција. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека дел од лицата од групата одзеле предмети од продажен објект и физички нападнале случајни минувачи. Групата била обезбедена и по целосно расчистување и документирање на случајот против сторителите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.

„Република“ претходно извести дека ракометарките на грчкиот шампион ПАОК останаа без поддршка на реванш натпреварот против екипата на Металург во СЦ „Јане Сандански“ во рамки од второто коло од Европскиот куп, бидејќи пред натпреварот, кој започна во 16 часот, навивачите на ПАОК се задржани во Центар, на улицата „Димитрија Чуповски“ поради нарушување на јавниот ред и мир.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.