Ракометарките на грчкиот шампион ПАОК останаа без поддршка на реванш натпреварот против екипата на Металург во СЦ „Јане Сандански“ во рамки од второто коло од Европскиот куп.

Пред натпреварот, кој започна во 16 часот, навивачите на ПАОК се задржани во Центар, на улицата „Димитрија Чуповски“ поради нарушување на јавниот ред и мир.


Според очевидци, навивачите се движеле по улицата од страната на Триумфалната порта во група од педесетина и нападнале момче облечено во дрес на Вардар, а потоа украле неколку предмети од продавничките околу Триумфалната капија. Полицијата ги задржала кога сакале да влезат во автобусот што ги чекал од спротивната страна на улицата.

Од МВР за Република го потврдија инцидентот. Навивачката група била пријавена за нарушување на јавниот ред и мир во центарот на градот.

Претресот се уште трае, а поради инцидентот е отежнато движењето по главната улица во Центар. Полицијата ги советува минувачите да ја користат другата страна од улицата или околните улички, а возилата се пропуштаат делумно со задршки.

Навивачите на ПАОК се познати грчки хулигани. Нивната нетрпеливост особено доаѓа до израз кога е во прашање Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.