Министерството за внатрешни работи денеска се огласи со нови информации по вчерашното убиство во Тетово, во кое застрелан беше Р.Т.(39).

-Во координација со Основното јавно обвинителство Тетово формирана е увидна екипа, која извршила увид на лице место, подигнати се траги за вештачење, како и возилото во кое бил Р.Т., кое е однесено за криминалистичко-техничка обработка, а неговото тело по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција, информира МВР.

Од Министерството истакнуваат дека од страна на инспектори извршени се службени разговори со лица – можни сведоци на настанот, извршени се дополнителни проверки, по кои веќе постојат основи на сомневање за можниот сторител на делото, издаден е централен распис за негово лишување од слобода и продолжуваат интензивните оперативно-технички мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Убиството се случило вчера околу 20.35 часот на ул.„Штипска“, во близина на угостителски објект.

-Едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „бмв“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало, извести вчера МВР.

Инаку, вчеравечер бил одржан работен состанок во просториите на СВР Тетово на кој учествувало раководството на СВР Тетово, на криминалистичка полиција, на економски криминал и на ПС Тетово, на кој биле дадени прецизни насоки за понатамошно постапување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.