Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Покрај ова, против првоосомничениот е поведена постапка и за кривично дело – Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители, на 24 март, на наплатна рампа на автопатот Гостивар-Тетово, неовластено заради продажба држеле 30 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата била спакувана во 25 пакувања во автомобилот на осомничените. Кога полициски службеници се обиделе да ги запрат, првоосомничениот возач на автомобилот додал гас, обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе.
Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Осомничените веднаш биле приведени, а дрогата запленета.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.