Куќа на ул. „1737“ во близина на Адвокатската улица во Скопје изгоре во пожар што избувнал ноќеска. Во Пожарна бил пријавен во 3.20 часот и интервенирале 13 пожарникари со шест возила.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, за МИА изјави дека пожарот зафатил површина од околу 350 квадратни метри и дека бил во фаза на распламтување низ целиот објект кога пожарникарите дошле да го гасат.

Почнат е од подрумските простории, проширен е на приземје и на катот, рече Томевски, додавајќи дека е изгаснат и во моментов се расчистува локацијата, а бидејќи се работи за стар објект, изграден од дрво, на терен е сè уште противпожарна екипа.

Сопствениците на опожарената куќа ја имаат издадено под кирија и во неа работат  печатница и адвокатски канцеларии. Тие беа на местото на пожарот и се сомневаат дека е подметнат зашто во септември изгорела и соседната куќа, како што велат –  исто така во недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.