Видеа на кои се гледа како група граѓани како од полициско возило земаат облека беа испратени до редакцијата на „Курир“, а според нивните информации инцидентот меѓу граѓаните и полицијата се случил деновиве во Струмица.

По објавувањето на видеата, од Секторот за внатрешни работи Струмица соопштија дека во изминатите месеци континуирано презема мерки за санкционирање на нелегалните продавачи на текстил, кои се поставуваат на тротоарите од булеварите „Ленинова“ и „Маршал Тито“ во Струмица, со што вршат узурпирање на сообраќајни површини.

Ваква активност во координација со ДПИ била преземена и на 15.02.2022 година на булевар „Маршал Тито“ во Струмица, при што била одземена текстилна стока од такви продавачи на текстил, но групата продавачи презеле дејствија со цел насилно да ја одземат стоката. Секторот за внатрешни работи Струмица презеде мерки за утврдување на идентитетот на сите лица учесници во настанот и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот законик, велат од МВР.

Од Министерството појаснуваат дека преземањето на вакви мерки и активности беше еден од заклучоците донесени на претходните седници на Локалниот совет за превенција во Струмица и СВР Струмица во координација со Држaвен пазарен инспекторат и во иднина ќе продолжи со истите со цел санкционирање на ваквите нелегални продавачи кои вршат и узурпирање на сообраќајни и јавни површини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.