Основното јавно обвинителство – Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривичното дело „убиство“ според член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот зкаоник.

Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничениот, на 12 декември со умисла се обидел да го лиши од живот неговиот очув. Делото го сторил така што ја протнал раката преку отворениот мал прозорец од десната страна на влезната врата, ја отворил вратата од домот на очувот, влегол внатре и по кратка расправија, повеќе пати го прободел оштетениот со нож.

Притоа му нанел тешки телесни повреди – две убодни рани во грбот и длабоки посекотини на левата страна на вратот, лицето и на десната шака. Оштетениот паднал на подот во дневната соба и почнал обилно да крвари. Откако осомничениот си заминал, оштетениот успеал да излезе надвор на улица, каде го затекнале случајни минувачи кои повикале итна медицинска помош. Пред да падне во кома поради сериозноста на повредите и да биде пренесен на Клиничкиот центар во Скопје, оштетениот успеал да го наведе осомничениот како сторител на кривичното дело, се појаснува во соопштението.​

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.​

Осомничениот бил приведен вчера во 10.40 часот на улица „Таља Бикова“ во Гевгелија.

Како што соопшти МВР, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија го лишиле од слобода А.Ѓ.(36) од Гевгелија.

Тој се сомничи дека на 12.12.2022 со остар предмет го нападнал Н.Н.(68) од Гевгелија во неговиот дом. Со судска наредба бил извршен претрес во домот на А.Ѓ. и биле пронајдени траги и предмети поврзани со кривичното дело. Лицето било задржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти вчера МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.