Откако МВР соопшти дека во координација со Агенцијата за национална безбедност спречило организирано бегство од затворот „Идризово“, испратија и видео-инсерти од ископаниот тунел.

Претходно, МВР соопшти дека добило криминалистички сознанија дека група од најмалку 8 осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПД „Идризово“, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел.

Управата за извршување санкции извршила проверки на местото кое било посочено како потенцијален тунел, при што навистина е откриен ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда зад која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот.

Тунелот е ископан на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри и бил соодветно обезбеден со попречни греди и тули.

Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица, која им служела за осветлување на тунелот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.