Министерството за внатрешни работи објави официјални информации за сообраќајната несреќа која се случи утринава, а во која животот го загубија две лица.

Во несреќата, која се случила околу 06.30 часот на регионалниот пат Прилеп – Росоман, кај место викано „Камен дол“, учествувале „фиат добло“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од К.Ѓ.(55) од Прилеп и автомобил „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Љ.С.(61) од Свети Николе.

Малку подоцна на истото место, патничко возило „даеву матиз“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(55) од Свети Николе, удрило во комбе „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.И.(52) од Скопје, кое претходно излегло од коловозот за да ги избегне двете возилата кои учествувале во несреќата.

Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Ѓ. и сопатничката во возилото „голф“, С.С.(55) од Свети Николе, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци. Со тешки телесни повреди се здобиле возачите Љ.С. и С.С., како и сопатничка во возилото „матиз“, О.С.(54) од Свети Николе, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, информира МВР.

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица Кавадарци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.