Припадници на полицијата денеска во Катланово приведоа три лица од Скопје, кај кои се пронајден околу седум килограми амфетамин, чија вредност е проценета на околу 40.000 евра, соопшти МВР.

Како што информира портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, припадници на Единицата за недозволена трговија со дрога и Секторот за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во заедничка акција со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во скопското село Катланово ги лишиле од слобода скопјаните М.Ш. (48), Е.Т. (30) и А.З. (19), бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со синтетичка дрога амфетамин со тежина од околу 7 килограми, чија вредност е околу 40.000 евра.

Според Прањиќ Талевска, во текот на ноември и декември 2022 година, по наредба на јавен обвинител од ОЈО Скоје, било спроведено криминалистичко истражување насочено кон осомничени дилери, кои вршеле продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје, Велес, Гевгелија и Тетово.

Во текот на истрагата од слобода се лишени 13 лица и запленет е околу еден килограм синтетичка дрога амфетамин и марихуана, за што досега се поднесени осум кривични пријави до надлежните Основни јавни обвинителства во Скопје и Велес, а на дел од лишените лица одредени им се мерки притвор, наведе Прањиќ Талевска.

Во текот на денешниот ден, пак, извршени се претреси на пет локации во Скопје, при што се пронајдени марихуана, хероин, амфетамин и предмети кои потекнуваат од извршени кривични дела кражби.

Според Прањиќ Талевска, запленети се и парични средства кои потекнуваат од продажба на наркотични и синтетички дроги и четири патнички возила – Голф 5, Ауди А3, Мерцедес и Рено Клио, за кои во текот на истрагата се обезбедени докази дека биле употребувани за продажба на дроги.

Притоа, лишена од слобода е и Р.И.(39) од Скопје, а против други лица инволвирани во извршените кривична дела, за кои се обезбедени докази, ќе бидат преземени дополнителни мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода, изјави Прањиќ Талевска.

Од страна на СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против пет лица за извршено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик.

Министерството за внатрешни работи информира дека и во претпразничниот период ќе продолжи со преземање на засилени мерки и активности во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.