Јанаки Митровски, адвокатот од Скопје кој го застапува оштетеното семејство чие дете почина во сообраќајка во Велес откако беше удрено од пијан возач со мерцедес, е разочаран од одлуката на Основното јавно обвинителство Велес и бара кривично да одговараат и совозачите, но и мештаните кои два дена го криеле возачот. Денес ОЈО Велес поднесе обвинителен акт против 30-годишниот пијан возач кој го усмрти девојчето пред очите на неговата мајка која беше тешко повредена. За него веќе биле изречени забрани за управување на автомобил поради возење под дејство на алкохол, но тој не ги почитувал, па на крајот повторно пијан зад воланот го усмрти малолетното девојче.

Како правен застапник на семејството на починатата единаесетгодишна Магдалена од Велес која беше прегазена на пешачки премин при што причинителот избега, ја искажувам мојата и разочараноста на семејството од одлуката на ОЈО Велес да не покрене постапка за кривично дело Помагање против тројцата совозачи на сторителот, како и против селаните кои го криеле сторителот. Воедно брзината од 68 километри на час која е утврдена со вешт наод и мислење за нас е дискутабилна бидејќи родителите се сведоци дека сторителот возел со брзина од над 100 километри на час во зона во која е дозволено 30 километри на час – реагира адвокатот Митровски.

Според него предметот е уште во фаза во која може да трпи измени и проширување, па апелира до ОЈО Велес да постапи во правец на обвинување и на совозачите, кои според него не давале информација за тоа кој е сторител и за мештаните кои со денови го криеле сторителот.

Од Основното јавно обвинителство Велес денес соопштија дека по спроведена истражна постапка поднесен е обвинителен акт за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од Кривичниот законик.

Тешката сообраќајка се случи на 17 декември 2022 година кога возачот во алкохолизирана состојба управувајќи мерцедес на улицата „Борис Трајковски” во Велес не се придржувал кон сообраќајните прописи, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

Иако бил во алкохолизирана состојба, тој управувал со автомобилот, па приоѓајќи во близина на обележан пешачки премин, не ги почитувал сообраќајните знаци. Возел со брзина од околу 68 километри на час, што е повеќе од двојно над дозволената брзина на критичниот дел од патот, каде постоел и сообраќаен знак за максимално дозволена брзина од 30 километри на час. Обвинетиот не обрнал внимание на пешаците и со автомобилот удрил во мајка и ќерка кои во тој момент поминувале преку обележаниот пешачки премин. Од ударот мајката се здобила со телесна повреда на челото. Девојчето, пак, било исфрлено 10-тина метри напред, до следниот пешачки премин, каде паднало на земја, се здобило со бројни тешки повреди во пределот на главата и екстремитетите и починало, се вели во соопштението од Обвинителството.

Наместо да застане и да им помогне на жртвите, обвинетиот со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец. Обвинителниот акт е поткрепен со изјави на сведоци на настанот, фотодокументација и видео записи од камери на неколку околни објекти, како и со повеќе вештачења извршени по наредба на јавниот обвинител.

По несреќата, обвинетиот го оставил автомобилот на место подалеку од својот дом и го исклучил мобилниот телефон, па не бил достапен до 19 декември 2022 година кога се предал на органите на прогонот. Ова за јавниот обвинител неспорно го потврдува стравот дека доколку се брани од слобода, тој би можел повторно да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Освен тоа, нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал, што упатува на веројатност да го повтори кривичното дело. Со тие аргументи, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор спрема обвинетиот, дополнија од ОЈО Велес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.