Црногорската полиција трага по жена која на 12 април со фалсификувани документи на клиент на „Ловќен банка“ од нејзината сметка подигнала 1,3 милиони евра. Според информациите на „Вијести“, банката ја известила полицијата ден подоцна, кога М.О. од Будва рекла дека не барала да и’ бидат исплатени парите што ги чувала во банка.

Од Управата на полицијата неофицијално велат дека тогаш било утврдено оти парите му ги дале на лице кое приложило фалсификувана лична карта на име М.О. Наводно, измамничката на 11 април најавила дека ќе ги повлече заштедите во филијалата на банката во Херцег Нови, од каде, со оглед на големата сума, била информирана кога да дојде.

Ден подоцна влегла во банката со ранец, ги зела парите и си заминала.

Измамата била откриена кога досиејата биле испратени во седиштето на банката во Подгорица, од каде стапиле во контакт со вистинската клиентка, која, пак, ги известила дека не дошла во Црна Гора повеќе од една година.

По наредба на обвинителот се работи за откривање на неидентификуваното лице кое ја извршило измамата. На снимките од надзорните камери јасно е забележан сторителот“, неофицијално соопштија од полицијата.

Според истите информации, внатрешна истрага се води и во банката.

Оттаму велат дека ги известиле надлежните за настанот и дека ќе дадат максимален придонес за откривање на виновниците.

Преземени се сите мерки за целосна заштита на повредениот клиент, со напомена дека се работи за изолиран случај кој е покриен со полиса за осигурување и кој не може да влијае на редовното функционирање на Банката“, соопштија од банката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.