Околу 30.000 многу потребни занаетчии, лекари и медицински сестри и техничари од  Македонија и Албанија од септември ќе дојдат на работа во Србија без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи, пишува српски Курир.

Тоа ќе биде овозможено благодарение на иницијативата „Отворен Балкан“ и отворањето на единствениот пазар на труд. Дополнително, целиот наш регион ќе стане многу поатрактивен за странските инвеститори бидејќи полесно ќе ги најдат работниците што им недостасуваат, сметаат експертите.

Директорот на Канцеларијата за ИТ и е-Влада Михаило Јовановиќ рече дека сите занимања што ни се потребни се интересни за луѓето од  Македонија и Албанија.

Сметаме дека ќе има работници кои ќе дојдат со завршено високо образование, но и оние кои имаат основно и средно образование. Градежништвото и работниците во областа на земјоделството се многу барани. Треба да има многу заинтересирани и за здравството бидејќи платите овде се повисоки. Сепак, уште поважно е што како регион сите ќе станеме многу поинтересни за странските инвеститори бидејќи побрзо и полесно ќе се дојде до работниците, а тоа е една од причините тие да инвестираат во овој дел од Европа – вели Јовановиќ.

Небојша Атанацковиќ од Сојузот на работодавачи на Србија вели дека поголема работна сила ќе им користи на нашите работодавци за позиции кои инаку се секогаш слободни.

Мислам дека граѓаните на Македонија и Албанија во рамките на „Отворениот Балкан“ ќе бидат многу заинтересирани да дојдат кај нас бидејќи условите и приходите се многу подобри. Исто така, кај нас работодавачите ќе имаат поголем избор и можност конечно да пополнат позиции за кои долго време не можат да најдат соодветна работна сила . Ни недостигаат сите трговски профили во градежништвото, заварувачите, потоа сите работници во угостителството и туризмот и за сезонски работи како овоштари. Од септември очекуваме да пристигнат околу 30.000 – вели Атанацковиќ.

Граѓаните на Србија, Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји со идентификациски броеви „Отворен Балкан“ без дополнителни административни бариери.

Предвидено е граѓанинот кој сака да се вработи во една од овие три земји, да ги внесува своите податоци преку порталот е-Влада и на тој начин да го добие идентификацискиот број на иницијативата „Отворен Балкан“. Секој граѓанин кој ќе пристапи до порталот и ќе го добие тој број ќе може непречено да пристапи до пазарите на трудот на сите три земји.

Целта е постапката да биде иста во Србија, Македонија и Албанија.

Советникот на претседателот на Стопанската комора на Србија, Ненад Ѓурѓевиќ , вели дека веќе подолг период има недостиг на работна сила во областа на земјоделството, градежништвото и текстилната индустрија. Тој додаде дека по пандемијата, многу меѓународни компании кои имаат свои ланци на Далечниот Исток ја разгледуваат можноста своето производство да го доближат до нивните матични компании во Западна Европа.

Како Западен Балкан можеме да бидеме интересна дестинација за ваков тип на работа – вели Ѓурѓевиќ.

Тој наведува дека ПКС не располага со прецизни податоци колку работна сила недостасува, но наведе дека има потреба од работници на сезонски работни места, како и во меѓународни компании кои работат овде.

Познато е дека овие работници доаѓаат од соседните земји и од одредени земји од ЕУ, така што тој недостаток некако се надоместува, но има потреба да се регулира, овие луѓе да имаат здравствено осигурување, да им оди стажот – нагласи Ѓурѓевиќ.

Просечната плата во Србија е 631 евро, додека граѓаните на  Македонија во просек заработуваат 360, а Албанија 248 евра месечно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.