Претседателот на Србија Александар Вучиќ за утре во 12 часот закажа седница на Советот за национална безбедност, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од кабинетот на српскиот претседател не се наведува која е причината за одржување на седницата, а медиумите пишуваат дека темите се поврзани со војната во Украина, настаните на Косово поврзани со изборите, како и енергетските и прашањата за снабдување со основни залихи на храна, кои се исто така во фокусот поради војната што се води на европско тло.
Последната седница на Советот за национална безбедност се одржува на 25 февруари, кога темата беше поврзана со војната во Украина, но и со ставот на Србија по прашањето за тие настани. Тогаш Советот за национална безбедност донесе заклучок од 15 точки во кој се изразува ставот на Србија за ситуацијата во Украина. Во документот, меѓу другото, се нагласува дека Србија дава целосна и принципиелна поддршка за почитување на територијалниот интегритет на Украина, дека се залага за мир, но и дека во овој момент не е во витален интерес на Србија да воведе санкции кон Русија или која било друга земја.
Советот за национална безбедност е орган на Република Србија кој врши задачи и должности од областа на националната безбедност, разгледува прашања од областа на одбраната, внатрешните работи и работата на безбедносните служби, а на надлежните државни органи им предлага мерки за унапредување на Националната безбедност.
Членови на Советот се претседателот на државата, премиерот, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за правда, началникот на Генералштабот на војската на Србија и директорите на безбедносните служби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.