Обединетите Арапски Емирати и Србија потпишаа договор, според кој Белград ќе добие една милијарда долари под исклучително поволни услови, со само три отсто камата, соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ.

За време на дводневна посета на ОАЕ, Вучиќ, за ТВ Пинк изјави дека според тој договор Србија добива една милијарда долари „под неверојатни услови“, и оцени дека тоа е „практично подарок“.

Вучиќ објасни дека во јануари доспеваат обврските од старите кредити кои Србија треба да ги врати, а за да не се трошат парите што ги има сега, а мора да купува скапа енергија на пазарот, со овие пари се обезбедува целосна ликвидност со солвентноста што ја има државата.

Вучиќ, кој во посета на ОАЕ замина на покана на шефот на таа земја, шеикот Мухамед бин Зајед, потсети на одличните односи меѓу двете земји и им се заблагодари на ОАЕ за поддршката.

Според него, секогаш кога е тешко, Србија може да се потпре на ОАЕ.

Тој рече дека Србија ќе добие финансиска поддршка со половина од каматната стапка од онаа по која се задолжуваат западните земји и тоа, како што наведе, е огромна поддршка за домашниот буџет и финансии.

Вучиќ додаде дека членките на ЕУ, како Унгарија и Романија, се задолжуваат со каматна стапка од шест отсто.

Изрази очекување дека Србија ќе постигне „стендбај“ аранжман со Меѓународниот монетарен фонд и дека таму ќе обезбеди дополнителна поддршка.

Тој рече дека разговарал за енергетската криза и нафтата и гасот со шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Тоа е една од причините зошто дадовме ваква поддршка, рече Вучиќ.

Повторно оцени дека следната зима, по претстојната, ќе биде уште потешка, а ќе има и криза со храна.

Тој рече дека и Србија мора да се подготви за тоа и оцени дека затоа пријателството со ОАЕ е од суштинско значење.

Во Абу Даби се и претставници на воената индустрија на Србија, бидејќи ОАЕ се заинтересирани за многу српски производи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.