Дојде „западната петорка“ и уште во втората реченица ми беше речено – треба да го прифатите овој (француско-германски) план, а ако не го прифатите, ќе се соочите со последиците, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на вечерашната прес-конференцијата на која сподели детали со јавноста од средбата со европските претставници во петокот, јави Н1.

Во долгото обраќање до јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за причините поради кои официјален Белград дал зелено светло за меѓународниот план за односите со Косово.

Според Вучиќ, планот за Косово и Метохија веќе не е само француско-германски, туку многу повеќе од тоа, затоа што го прифатиле сите членки на Европската Унија, вклучувајќи ги и оние кои не ја признаваат независноста на Косово.

Во однос на тоа зошто Вучиќ, одлучил да предложи прифаќање на планот на западните земји иако, како што рече, во него има многу малку работи кои се во интерес на Србија, тој предупреди дека неговото одбивање би имало страшни последици за државата.

Во втората реченица која ми беше кажана. Во втората реченица! Ми беше кажано: Морате да го прифатите овој план а ако не го прифатите, бидејќи ние сметаме дека тој мора да биде прифатен, односно тоа е де факто новата преговарачка рамка на патот кон Европа, ќе се соочите, како прво: со прекин на процесот на европските интеграции, како второ: ќе се соочите со прекинување а потоа и повлекување на инвестициите.Како трето: ќе има сеопфатни мерки во политичка и економска смисла кои ќе и нанесат голема штета на Република Србија. Значи цитирав!“ – изјави Вучиќ.

Српскиот претседател додава дека го прифатил планот затоа што земјата не смее да остане изолирана. Вели дека можел да реагира емотивно и да ги избрка странските посредници, но тоа би значело брзо повлекување на безвизниот режим со земјите во Европската Унија.

Тој наведе дека европските претставници дошле со план „кој првпат го видовме пред 60 дена, во чие креирање ниту учествувавме, ниту некој не прашал или консултирал“.

Дојдоа да ни го претстават нивниот план, без никаква вина на Србија, никому ништо не направивме, ниту еден Албанец не беше застрелан, ништо не направивме, дојдоа и ни го покажаа планот, а потоа на 13 декември сите земји-членки го прифатија планот и петте непризнавачи на Косово, бидејќи им објаснија дека во планот нема експлицитно признавање на независноста на Косово, иако го прикриваа фактот дека постои имплицитна обврска да не се спротивставуваме на влезот на Косово во ОН. Сите тие го прифатија, со што тој план стана де факто нова преговарачка рамка за Србија. За нас нема напредок ако не работиме, ниту во Европа, ниту пак е можно нешто да се направи ако не соработуваме, додаде Вучиќ.

Тој ја потсети јавноста дека само Германците во Србија вработуваат 80 000 луѓе, а ако се земат предвид и Американците, Французите и Италијанците, тогаш тој број е многу поголем.

Со Германија имаме 8,2 милијарди евра размена, од тоа ги исплаќаме платите и пензиите а да не зборувам што би значело за Србија да биде изолирана. Србија мора да остане на европскиот пат, не затоа што јас го обожувам нивното лицемерие, туку затоа што мора да опстанеме и напредуваме и да не бидеме изолирани, додаде Вучиќ.

Вучиќ додаде дека замрзнатиот конфликт е најлошо решение и дека мора да се работи на компромисно решение со Косово иако тој бил свесен дека тоа не е можно со режимот на Курти.

Мора да бараме решение, затоа што ни е потребен мир со Албанците, порача Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.