Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека одговорните за несреќата на железничката станица во Нови Сад ќе бидат казнети.

Барам политичка, а пред тоа и кривична одговорност, порача српскиот претседател во своето вонредно обраќање пред јавноста.

Обраќањето на Вучиќ доаѓа по несреќата во Нови Сад во која загинаа 14 лица.

Вучиќ рече дека ќе бара Обвинителството во Нови Сад и Владата на Србија да ги гонат и најстрого да ги казнат одговорните за уривањето на дел од натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Според Вучиќ, неверојатно е тоа дека на железничката станица сѐ е реновирано, а по 60 години само натстрешницата не е.

Знам само дека таа настрешница не ја реновиравме 60 години, кога реновиравме сè, не ја реновиравме само, зошто – не знам, претпоставувам дека некој ќе ги даде одговорите“, додаде Вучиќ.

Вучиќ истакна и дека особено виновни се оние што дизајнирале и изведувале.

Одговорни се оние чија должност била инфраструктурата, железницата, сообраќајната инфраструктура“, изјави Вучиќ.

Тој посебно им се заблагодари на спасувачите, „на луѓето што цел ден се бореа и страдаа, на работниците кои со своите машини се обидоа да го спасат секој живот што можеше да се спаси“.

И денеска во оваа голема трагедија успеавме да ги покажеме срцето и душата на нашиот народ, не само Нови Сад, цела Србија застана и остана без зборови. Во еден момент кога спасувачите успеаја да ја извлечат младата жена, а докторите веќе беа подготвени да ѝ ја отсечат раката, затоа што беше притисната од неколку тони, па некако успеаја да ја извлечат со машини, видов солзи радосници кај нашите спасувачи во целата трагедија и сите маки, а тоа покажува колку се големи овие луѓе и каква е целата наша нација“, рече Вучиќ.

Вучиќ потврди дека според последните информации загинати се 14 лица кои биле во близина кога се урнала натстрешницата.

Сѐ уште немаме идентификувано пет од нив, осум се државјани на Србија, едно лице е од Македонија. Во името на сите граѓани на Србија сакам да изразам сочувство до семејствата и вечерва е тешко да се зборува, тешко е да се каже нешто рационално. И во такви моменти мора да најдеме сила да се обединиме, да им помогнеме на семејствата на жртвите и да направиме сѐ што е во наша моќ да ја минимизираме штетата што е можно повеќе и да им помогнеме на луѓето“, рече тој.

Во Нови Сада, како што пренесуваат српските медиуми, граѓани се собираат на плоштадот, каде што палат свеќи за да им оддадат почит на загинатите.

Солидаризирани се и белграѓани кои им оддаваат почит на жртвите од Нови Сад на мостот на Сава.

И жителите на Ваљево вечерва се собраа на градскиот плоштад, каде што најпрвин имаше едноминутно молчење за жртвите на железничката станица во Нови Сад, а потоа запалија свеќи.

Утре во Србија ќе биде Ден на жалост поради смртта на граѓаните кои настрадаа по уривањето на конструкција од Железничката станица во Нови Сад.

Од кабинетот на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, има информација дека на територијата на градот е прогласена тридневна жалост, почнувајќи од утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.