Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оваа сабота започнува кампања за формирање на Националното движење за одбрана на Србија. За што служи, освен за создавање поширок фронт за „одбрана на Вучиќ“ од критики?, пишува во својата анализа „Дојче веле“.

Политичката ситуација во Србија е комплицирана, а властите се обидуваат да ја направат уште покомплицирана. Вака би можеле да се толкуваат најавите за формирање на таканареченото Народно движење за одбрана на Србија околу претседателот Александар Вучиќ. Би било куриозитет – доколку лидерот на далеку најсилната партија и човекот кој на претседателските избори добива повеќе од половина гласови, создаде нова политичка организација, стои во анализата на Дојче веле.

Движењето беше најавено уште минатата година, но до денес не е појаснето кои ќе бидат целите или кои ќе бидат критериумите за прием на членови. Единствено беше најавено дека движењето ќе биде отворено за политички организации, но и за непартиски личности, интелектуалци, работници и селани.

Лидерите на Српската напредна партија (СНС) најчесто изговараат фрази за „отвореноста на движењето за сите добронамерни луѓе кои сакаат да ја зачуваат Србија“, или како „блок на пристојна Србија“. Критичарите ова го гледаат како нова поделба во Србија, каде што секоја критика на владата би била прогласена за левичарски или десничарски екстремизам.

Сè уште не се знае правниот статус на идното движење, дали ќе биде неформална организација или ќе учествува на избори. Претседателот Вучиќ тврди дека движењето „ќе го задржи својот непартиски карактер и дека неговото формирање нема да значи укинување на СНС“.

Причината е договорот за Косово?

Ако правилно се протолкуваат зборовите на Александар Вучиќ, тоа треба да биде движење кое наместо цврсто да се залага за Запад или Исток, ќе биде на некаков трет пат, кој пред се би ги имал предвид интересите на Србија.

Душан Спасојевиќ од Факултетот за политички науки во Белград за ДВ вели дека „врз основа на неколку кратки реченици навистина е тешко да се утврди што е поентата.

Доминантниот наратив е дека СНС е во криза – што не го гледам врз основа на резултатите – и дека со воспоставување на нешто ново, ќе излезе од таа криза. Клучниот проблем е што бројот на актери кои би се појавиле таму е ограничен. Допрва ќе има значителен дел од функционери на СНС, па не гледам како тоа ќе биде претставено како нешто ново“, оценува соговорник на Дојче веле.

Бојан Клачар, извршен директор на белградскиот Центар за слободни избори и демократија (ЦеСИД), смета дека главниот мотив е „потребата СНС да се реформира себеси“.

Дополнително, тоа ќе му овозможи на Вучиќ да го одржи ветувањето пред гласачите и да ја напушти функцијата претседател на СНС и да продолжи со политичките активности преку ова движење. Важна причина е што на овој начин се покренува предизборна кампања“, посочува Клачар.

Интересен момент е зајакнувањето на одбраната на Србија, но тука е и прашањето за одбраната од кого: надворешни фактори или опозицијата која не ги дели ставовите и политиките на Александар Вучиќ, особено кога станува збор за решавање на косовскиот проблем.

Инаку претседателот на Србија и Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ ги повика денес граѓаните на собир во Врање да се приклучат на Народното движење за државата, наведувајќи дека таа политичка опција ќе биде формирана на крајот на мај или почетокот на јуни.

Кога движењето ќе се формира, на крајот на мај, почетокот на јуни – мојата молба за вас е да размислите да се приклучите на тоа големо движење, народно движење за нашата една единствена држава Србија која ја имаме, која мора да ја зачуваме за нашите деца“, кажа Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.