Епидемиолошката состојба во земјите од Западен Балкан е влошена, а посебно е тешко во Словенија, Србија и Хрватска, каде денеска се евидентирани рекорден број на новозаразени.

Србија денеска евидентираше рекорден број на новозаразени со коронавирус – 18.006 случаи од 39.740 тестирани примероци, соопшти Министерството за здравство, откако претходно денеска премиерката Ана Брнабиќ најави дека бројот ќе биде „катастрофалeн“.

Од речиси 40.000 тестирани, 45,3 отсто биле позитивни, што значи дека речиси секој втор тестиран бил заразен со корона. Во изминатото дононоќие од последици на Ковид-19 починаа 26 лица.

Во Србија на почетокот на годината дневно имаше нешто повеќе од 2.000 заразени, но бројот на заразени почна нагло да расте, што експертите го поврзуваат со масовните собири за прослава на Нова година.

Во изминатото деноноќие во Хрватска, 6.001 лице биле позитивни на брзи антигени тестови, а биле тестирани 40.575. Кога ќе се додадат позитивните кои направиле ПЦР тестови, се доаѓа до бројката од 13.549 новозаразени, што е рекорд од почетокот на пандемијата во таа земја.

Апсолутен дневен рекорд од 8.681 нови случаи на коронавирус беше потврден вчера во Словенија, јави денеска СТА. Агенцијата посочува дека стапката на позитивност достигна речиси 63 отсто. Неделниот пораст на нови случаи изнесува речиси 17 отсто.

Во Босна и Херцеговина денеска се регистрирани 3.342 новозаразени лица од вкупно 7.529 тестирани за коронавирус. Во изминатите 24 часа починаа 39 лица, од кои 25 во Федерацијата БиХ, 13 во Република Српска и едно во округот Брчко.

Во изминатите 24 часа во Федерацијата БиХ биле тестирани 5.831 лице, а кај 2.564 е потврден коронавирус. Во Република Српска тестирани се 1.161 лице, а кај 587 е потврден коронавирусот, а во округот Брчко денеска се регистрирани 191 нов случај од 537 тестирани.

Во последните 24 часа во Црна Гора од коронавирус починале шест лица, а регистрирани се 1.814 нови случаи на зараза, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Меѓу починатите најмладиот имал 63, а најстариот 89 години.

Едно лице почина како последица на коронавирусот во Косово, а 720 се позитивни, соопшти Министерството за здравство врз основа на најновите податоци на Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИЈЗК). Во истиот период биле тестирани 4.785 примероци, а 720 граѓани биле позитивни. Денеска оздравеле 159 граѓани, со што вкупниот број на оздравени е 158.909. Во Косово во моментов има 5.678 активни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.