Минчев денеска беше разрешен од функција со гласовите на опозициските ГЕРБ, ДПС и Преродба, како и со поддршка од партијата Има таков народ (ИТН), која реши да ја напушти владејачката коалиција. И покрај тоа што заеднички го разрешија, лидерот на ИТН Слави Трифонов вели дека нема да формира ново мнозинство со ГЕРБ и ДПС.

Со скандирање „Мафијата надвор“ незадоволни бугарски граѓани попладнево излегоа на протест пред бугарскиот парламент во Софија за да изразат поддршка за Никола Минчев кој денеска беше разрешен од функцијата претседател на Народното собрание.

Протестот беше поткренат преку социјалните мрежи со иницијатива „Мафијата го отстрани Минчев: Да ја заштитиме европска Бугарија без мафија“.

„Треба да се остават интелигентните и способните луѓе да си ја вршат својата работа, а не секогаш кога ќе се појави мафијата да се отстранува сè што е вредно“;

„За мене ова гласање не беше насочено против Никола Минчев, туку беше тест за тоа дали ќе успее изгласувањето недоверба на владата наредната недела, да се тестира дали ќе успее новото мнозинство“,

велат дел од демонстрантите.

Минчев денеска беше разрешен од функција со гласовите на опозициските ГЕРБ, ДПС и Преродба, како и со поддршка од партијата Има таков народ (ИТН), која реши да ја напушти владејачката коалиција.

Откако се појавија медиумски написи дека во Бугарија е формирано ново мнозинство од ИТН и опозициските партии, лидерот на ИТН Слави Трифонов на социјалните мрежи објави демант.

Разрешувањето на претседателот на парламентот, според него, не е резултат на формирање ново мнозинство, туку само на тоа што Минчев го кршел законот и од тие причини гласале против него.

„За оние кои не разбираат, ќе повторам уште еднаш – нема коалиција меѓу Има таков народ, ГЕРБ и ДПС. Нема и нема да има“,

реагираше Трифонов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.