Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека го откажува учеството на Преспа форумот 2022 во Охрид, со цел да се сретне со претставници на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ ОВК), кои протестираат против законот за минимална плата што е влезен во собраниска процедура, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното обраќање пред пратениците, Курти изјави дека утре, заедно со министерот за финансии, Хекуран Мурати и претседателот на собраниската Комисија за буџет и финансии, Арменд Муја, ќе разговара со претставниците на ОВВ ОВК, кои протестираат со барање ветераните да бидат опфатени во законот за минимална плата кој го предлага Владата и кој пред неколку дена доби начелна согласност од мнозинството пратеници од владејачките партии.

– Она што го предлагам денеска е да го откажам учеството на Преспа форумот утре и да ги примам на средба, заедно со министерот за финансии и со претседателот на Комисијата за буџет и финансии водачите на ветераните, да ги ислушам и да дискутирааме за сите прашања. Тие се претставници на протестот, а не опозициските пратеници. Јас сум заинтересиран да ги сретнам нив директно, бидејќи нема сомнение дека сум за правото на протест и сум за дијалог и тогаш кога не се согласуваме. Нема да заминам утре за Преспа, изјави Курти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.