Актуелните правила за влез во Грција воведени пред еден месец, продолжени се за уште две седмици и негативен тест ПЦР или рапид и понатаму е задолжителен за сите патници независно дали се вакцинирани или не, мерка што важи и за државјаните на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“ стапува во сила утре, а ќе важи до 7 февруари 2022 година во шест часот.

Негативен резултат од ПЦР тест направен до 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар се задолжителни за влез во Грција, без разлика дали посетителите се вакцинирани, дали прележале Ковид-19 или се невакцинирани.

Паралелно, нема промени и во однос на невакцинираните патници од 16 земји меѓу кои и од Македонија, кои освен негативен тест пред патувањето, потребно ќе биде да добијат и негативен тест на самата граница при задолжителното тестирање од грчките власти.

Министерската одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување кај јужниот сосед.

Согласно одлуката „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата, без разлика на вакцинацијата или прележана болест, мора да бидат тестирани негативно“ со ПЦР во последните 72 часа пред нивното пристигнување во земјата или „алтернативно да се тестираат негативно со употреба на брз антиген тест во рок од 24 часа пред нивното пристигнување во Грција“.

Тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.