Унгарија испраќа 31 полицаец на границата меѓу Србија и Македонија за да помогне во борбата против илегалната миграција, соопшти денеска државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, Бенце Ретвари, цитиран од „Данас“.

Унгарската полиција не ја штити само границата на една земја, туку и на цела Европа. Полицајците презедоа тешка задача, бидејќи во наредниот период ќе ја чуваат 113-километарската граница меѓу Србија и Македонија, која е дел од главниот пат на илегалната миграција, се вели на веб-страницата на унгарската полиција.

Соработката е долгогодишна, истакнува Ретвари и „ова е втор контингент унгарски полицајци кои ќе служат во Србија“.

Според него, унгарската полиција е посветена на спречување илегални преминувања на мигранти на територијата на Европската унија и за таа цел им понудила поддршка на земјите од Западен Балкан.

Главната задача на унгарската полиција е спречување и откривање на илегални гранични премини, патролирање на патиштата во непосредна близина на границата, како и соработка во откривање на трговци со луѓе и илегални мигранти, истакна Ретвари.

Унгарските полицајци кои ќе служат во Србија ги извршуваат своите должности под контрола и надзор на органите за спроведување на законот во земјата домаќин, додаде Ретвари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.