Ограничувањата и правилата за патување во изминатите две години и првото целосно „слободно“ лето по почетокот на пандемијата веројатно се главните причини, да бидат полни со туристи, не само популарните летни дестинации во Грција, туку грчката метропола.

Дописничката на МИА од Атина го посети Акропол каде што секојдневно има над 16-17.000 туристи, речиси од целиот свет.

Редиците како за купување билет, така и за влез на Акропол се секојдневие во изминатиот период.

Високите температури, се чини дека не ги спречуваат туристите, нивниот одмор, наместо на некој од островите, да го поминат токму во Атина.

Семејство од Франција, за МИА вели дека во Грција пристигнале за да поминат една седмица во Атина, а утре можеби ќе посетат и некоја од плажите што се во близина.

Голем е бројот на туристи кои на Акропол доаѓаат организирано, со автобуси во рамките на крстарењата на грчките острови, а во програмата е предвидена и посета на Атина.

Други пак, пред или по посетата на некој од грчките острови, одбираат да поминат неколку дена во грчката метропола.

Во Атина сме три дена, денеска сме на Акропол и ќе прошетаме во историскиот центар, задутре заминуваме за Санторини – велат за МИА туристи од Италија.

На почетокот на месецов, министерката за култура Лина Мендони и министерот за туризам Василис Кикиљас, го посетија Акропол, од каде што соопштија дека над 16.000 лица дневно го посетуваат Акропол.

И, речиси две седмици подоцна бројките се непроменети, напротив, како што велат вработените, бројките се над 16.000-17.000 посетители дневно.

Ништо поразлична не е ситуацијата и на останатите грчки летни туристички дестинации, а на одредени места, за текот на месец август исполнетоста на хотелите во повеќе делови на земјата достигнува и до 100 проценти.

Во 2021 година, Грција ја посетиле 14,7 милиони турист, а оваа година, очекувањата се дека оваа бројка лесно ќе се надмине, но споредбите се прават со 2019 година, односно последното „нормално“ лето пред пандемијата, кога земјата ја посетија 31,3 милиони туристи.

Надеж и очекување дека туристичката сезона оваа година ќе биде подобра од 2019 година, неодамна изразија како грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, така и министерот за туризам Василис Кикиљас.

Кикиљас вчера порача дека очекуваат над еден милион туристи од странство секоја седмица, додавајќи дека август ќе биде неповторлив, како во однос на пристигнувањата, така и во однос на приходите.

Одморот во Грција оваа година е поскап во споредба со лани, со оглед на тоа дека според официјалните податоци од грчката служба за статистика, во јули годинава се регистрирани низа поскапувања, не само на основните продукти, туку и на услугите поврзани со туризмот.

Поконкретно, најголемо поскапување има во патувањето со авион, за 62,3 отсто, патувањето со брод е за 25,4 проценти поскапо во јули 2022 година, споредбено со истиот месец лани.

Цените на хотелите се за 20 отсто повисоки, а пакет аранжманите се зголемиле за 11,4 отсто.

И покрај инфлацијата и повисоките цени, сепак Грците масовно ја напуштаат Атина, особено овие денови со оглед на продолжениот викенд за пред утрешниот голем православен празник Богородица , кога граѓаните традиционално заминуваат или на годишен одмор или на неколку дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.