Татко и син се загинатите во експлозијата која се случи вчера во голем магацин во изградба во албанскиот град Љушња. Албанските медиуми јавуваат дека починало лицето кое управувало со кранот, а од здобиените изгореници во болницата за трауматологија во Тирана починал и неговиот 20-годишен син, кој бил во кабината на кранот.

Момчето имаше тешки изгореници на лицето и телото, беше интубирано, но и покрај максималните напори на медицинскиот персонал тој почина. Исто така уште две лица се во тешка состојба, меѓу нив и пратеникот Бујар Чела, изјави Скенер Братај, директор на Ургентниот центар во Тирана.

Според првичните информации на полицијата, кранот што изведувал работи на изградба на голем магацин за градежен материјал, околу 16 часот дошол во контакт со далновод со висок напон од 20.000 волти и поради оваа причина дошло до силната експлозија.

На самото место починал возачот на кранот. Пратеникот Чела(64) кој е жител на Љушња бил во непосредна близина, каде се наоѓа и неговиот дом.

Шест други лица, кои се здобиле со помал степен на изгореници и фрактури, се хоспитализирани и според последните информации не се во животно загрозувачка состојба.

Претседателот на Албанија Бајрам Бегај изрази длабоко сочувство до семејството Хоџа кое изгуби двајца членови. На повредените им посака побрзо закрепнување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.