Српската влада преговара со германскиот автомобилски гигант „Мерцедес“, австралиско-британската компанија „Рио Тинто“ и европска финансиска институција за реализација на проект кој опфаќа изградба на фабрика за електрични автомобили, дознава белградски „Демостат“. Наводно, преговорите се сѐ поблиску до конечен договор.
Но за нивно успешно завршување услов се две работи – дали литиумот ќе се експлоатира во Србија (што е жешко политичко прашање) и каква ќе биде надворешно-политичката ориентација на властите во наредниот период.
Одлуката на германскиот гигант да отвори фабрика во Србија, со гаранции на Европската банка за обнова и развој, би била јасен показател во која насока оди Србија – кон Запад. Доаѓањето на германскиот гигант од Штутгарт би испратило силна порака до другите големи светски инвеститори за Србија како безбедна дестинација за инвестирање.
Но, услов за ова и реализација на други инвестиции од Запад кои се планираат секако е постепено усогласување со надворешната и безбедносната политика на Европската унија, што во крајна линија значи воведување санкции против Русија.
Доаѓањето на Мерцедес може да биде дел од „морковот“ што ѝ беше ветен на Србија доколку биде конструктивна во преговорите со Приштина и ако го прифати европскиот план за Косово.
Европските претставници јасно му ставија до знаење на српското раководство дека доколку Србија не го прифати европскиот план, може да очекува последици кои, меѓу другото, во голема мера ќе се одразат на економијата и стопанството. Од друга страна, доколку планот биде прифатен, Србија била информирана дека ќе добие економска помош, но и инвестиции во различни области од економијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.