Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска ја најави кандидатурата на Србија за членство во Извршниот совет на УНЕСКО, Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура.
Дачиќ ја најави кандидатурата во обраќање на Генералното собрание на УНЕСКО во Париз.
За новите членови на Извршниот совет ќе се гласа на 15 ноември, а кандидати се Русија, Словачка, Чешка, Узбекистан и Албанија.
Србија, која не ја признава независноста на Косово прогласена во 2008 година, се противи на членството на Косово во Обединетите нации и другите меѓународни организации, вклучително и УНЕСКО.
Дачиќ во својот говор изјави дека српското културно наследство на Косово е загрозено и дека „меѓународните сили, со задача да го заштитат српското и светското културно наследство, се распоредени само на одредени културни добра“.
Тој оцени дека „српското културно-историско наследство на Косово, каде има 1.300 свети места, е од неизмерна важност не само кога станува збор за националниот идентитет на Србија, туку и претставува дел од вредното европско и светско културно наследство“, но и дека „е подложно на обиди за преименување, ревизија на историските факти и физичко сквернавење“.
Приштина претходно најави дека ќе поднесе барање за членство во таа организација есента 2023 година.
Косовските власти сметаат дека со членството на Косово во УНЕСКО, многу објекти од културното наследство на Косово ќе уживаат заслужена заштита на меѓународно ниво.
Под заштита на УНЕСКО се три православни манастири во Косово – Пеќската патријаршија, Високи Дечани, Грачаница, како и црквата Пресвета Богородица Љевишка во Призрен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.