Амбасадорот на Србија во Обединетите нации (ОН) поднел барање за свикување на вонредна седница на Советот за безбедност за Косово, јави во понеделникот Српската радио-телевизија.

Како што се наведува, барањето го привлекува вниманието на ситуацијата во Косово, за која Србија наведува дека е во тотална спротивност со Повелбата на ОН и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Србија во барањето ја опишува одлуката на Косово за укинување на циркулацијата на динарите како незаконска, со оценка дека станува збор за „континуитет на мерки на брутално физичко и институционално насилство врз Србите“, а целта е „етничко чистење и исчезнување на српското население“.

Во Косово повторно се кренаа тензиите по одлуката на Централната банка на Косово дека од 1 февруари единствена валута за платежни трансакции ќе биде еврото, што значи укинување на српскиот динар.

Досега, динари на Косово пристигнуваа од Србија преку Народната банка на Србија, која има трезор во Лепосавиќ, општина со српско мнозинство на северот на Косово.

На оваа одлука на Косово остро се спротивстави Белград, а меѓународната заедница побара од властите во Приштина да ја одложат нејзината имплементација.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, потврди дека на 2 февруари во полициска акција биле затворени три општини во Пеќ, Исток и Клина, кои функционирале паралелно во српскиот систем и рече дека единствената институција на Србија во Косово ќе биде нејзината амбасада во Приштина.

Пред тоа, косовските власти затворија и четири паралелни српски општини, кои според наводите незаконски работеле во областа Драгаш, на југот на Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.