Во 172 спасувачки акции во деловите зафатени од поплавите во централна Грција, биле спасени 417 граѓани, додека, пак, четворица се сѐ уште исчезнати, соопшти министерот за цивилна заштита и климатска криза на Грција, Василис Кикиљас на вонредна прес конференција за невремето „Даниел“ во кое досега две лица ги загубија животите, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас ги повика граѓаните да ги следат препораките од надлежните и во следните 24 часа, а говореше за невреме од досега невидени размери, велејќи дека фразата „се отвори небото“, во конкретниот случај може буквално да се употреби.

Тој истакна дека поради интензитетот и траењето на невремето притисокот бил голем, додаде дека се работи и на санирање на штетите во снабдувањето со вода и електрична енергија, додека пак дополнително ќе се евидентираат штетите на инфраструктурите, домовите и бизнисите.

Метеорологот и потпретседател на Управниот одбор на Центарот за студии за управување со кризи во Генералниот секретаријат за цивилна заштита Димитрис Зиакопулос, на прес-конференцијата истакна дека кога во петокот ги видел прогнозите за вчерашниот ден, како што рече, се исплашил, бидејќи прв пат по децении во неговата кариера моделите давале такви податоци.

Тој објасни дека според податоците од метеоролошките станици во планинскиот дел на областа Магнисиа, во период од 24 часа паднале од 600 до 800 милиметри дожд, што е огромна количина и за Грција, но и за повеќето региони во Европа.

Од 600 до 800 милиметри, за споредба, обично има на јужните падини на Алпите кога ги погодува топол медитерански воздух, објасни метеорологот додавајќи дека станува збор за појава без преседан и досега во Грција немало толкава количина на дожд од тогаш кога се води евиденција во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.