Со литургија и свеченсот во Сремски Карловци денеска започна годишниот Собор на Српската православна црква. Работниот дел на седницата на Соборот, што ќе трае седум дена, ќе продолжи утре во Белград, кога, според најавите, се очекува српските владици да го соопштат ставот по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање МПЦ-ОА за канонска црква.

Со свеченоста во Сремски Карловци, Српската црква ја одбележа стогодишнината од обновата на Пеќката патријаршија и добивањето Томос од Цариградската патријаршија во 1922 година со кој СПЦ е призната како „сестринска црква на сите автокефални православни цркви“.

Свеченоста почна со литургија која, како што соопшти СПЦ, ја сослужеа „блажениот архиепископ охридски и митрополит скопски г. Јован, митрополитот дабробосански г. Хризостом, митрополитот црногорско-приморски г Јоаникије, како и преосветените господа епископи сремски г. Василије, будимски г. Лукијан, канадски г. Митрофан, новограчаничко-среднозападноамерикански г. Лонгин, жички г. Јустин, шумадиски г. Јован, зворничко-тузлански г. Фотије, крушевачки г. Давид и буеносаирески и јужно-централноамерикански г. Кирило“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј, во посланието по повод почетокот на Соборот нагласи дека „Пеќката патријаршија од незаконското укинување во 1766 година била поделена на митрополии и епархии во границите на различни земји се до 12 септември 1920 година, кога е воспоставено единство“.

Тогаш е воспоставено единство на Белградската архиепископија и Mитрополијата српска, Архиепископијата карловачка и Митрополија српска, со епископиите Далматиско-истарска и бокакоторска, Архиепископијата цетинска и Митрополијата на Црна Гора, Брдо и Приморјето, потоа митрополиите скопска, рашко-призренска, велешко-дебарска, пелагониска, преспанско-охридска, струмичка, еден дел од Митрополијата воденска, Пољанската епископија и митрополиите во Босна и Херцеговина: дабробосанска, херцеговска, зворничко-тузланска и бањалучко-бихаќка, обединети во една автокефална единствена СПЦ, се наведува во посланието на патријархот Порфириј.

Тој потсетува дека на 28 септември 1920 година Светиот архиерејски синод на Српската православна црква го избрала белградскиот митрополит Димитриј за прв патријарх на обновената Патријаршија, додавајќи дека „на 19 февруари 1922 година, Цариградската патријаршија со соодветен црковен акт, сеправославно прифатен Томос, го потврди обединувањето на историските српски црковни области како канонско и оправдано, а Српската православна црква беше призната трајно и засекогаш како сестринска Црква на сите автокефални православни цркви“.

Овој голем празник навистина е празник на единството и слогата. И ние денеска, по сто години радосно го објавуваме и прославуваме овој историски настан, без разлика дали живееме во матицата, без разлика дали во некои од српските или околните земји, без разлика дали во раселеност под бурата на историските ветрови расфрлани насекаде на шестте континенти, наведе патријархот Порфириј во посланието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.