Пропадна првиот круг на гласање за нов претседател на Албанија, предвиден за утре попладне, откако претставниците на парламентарните групи не постигнаа договор за консензуален кандидат. Како што јави дописничката на МИА од Тирана, денеска до 16 часот беше крајниот рок за доставување предлог- кандидатури со потписи на 20 пратеници, но официјално не е поднесена ниту една. По утрешната посебна пленарна седница во 17 часот страните ќе ги продолжат разговорите, а вториот круг на гласање треба да се одржи на 23. овој месец.

Демократите бараат аполитички кандидат, додека другите две пратенички групи се против тоа, сметајќи дека тоа е тешко да се реализира.
За избор на шеф на државата Уставот предвидува пет кругови на гласање. Во првите три потребно е кандидатот за претседател да добие поддршка од 84 пратеници од вкупно 140 колку што брои Парламентот. Во следните два, претседател се избира со просто мнозинство, односно 71 глас.
Мандатот на актуелниот претседател, Илир Мета, завршува на 24 јули.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.