Дамјан Рогановиќ, кој е уапсен во Холандија во рамки на голема меѓународна акција во која беа запленети 115 килограми кокаин вреден 11 милиони евра, е член на кавачкиот клан и син на Милан Рогановиќ, познат како Рого, кој беше убиен на 7 јуни 1997 година пред кафулето „Фан“ на Сењак во Белград. Милан беше значаен член на криминалната група „Америка“.

Покрај Рогановиќ, во полициската акција е уапсен и еден од неговите најблиски соработници Вук В., кому лисици му беа ставени во Белград, потоа неговата сестра Јелена В., како и Душан П., Санел Ѓ. и Ѓорѓе С.Д.. Исто така, обвинителството предложи притвор за Никола Вушовиќ, познат како Џони од Врачар и Лука К., кои се во бегство – информира извор на српски „Курир“.

Како што соопшти Обвинителството за организиран криминал, Рогановиќ, е член на кавачкиот клан. Неговиот татко Милан беше припадник на кланот „Америка“, што беше предводен од Воислав Раичевиќ, познат како Војо Американец.

Кобната вечер кога беше убиен таткото на Дамјан Рогановиќ, напаѓачите чекале Милан да излезе од локалот и да седне во неговиот „мерцедес“, а потоа со две оружја испукале десетици куршуми кон него. Убијците, како и оние коишто го нарачале убиството, никогаш не се официјално откриени. Неговиот син Дамјан тогаш имал три години.

Милан Рогановиќ – Рого

Криминалната група, чиј член беше и Милан, беше една од најсилните во средината на деведесеттите. Со неговото име се поврзуваа бројни сурови ликвидации. Според медиумите, Милан Рогановиќ и Бојан Петровиќ, поради личен конфликт, учествувале во киднапирањето и тортурата на Војо Американец. Се шпекулираше дека самиот Рого испукал четири куршуми во неговото рамо.

Телото на Војо никогаш не беше пронајдено, но се шпекулира дека тој бил искасапен, а делови од телото биле фрлени во Дунав или некаде закопани. Единствено што беше пронајдено е неговиот запален џип.

По исчезнувањето на Раичевиќ во 1997 година, на улиците на Белград почна брутална криминална војна. Неговите пријатели наводно се впуштиле во одмаздничка акција во која, како што се сомнева, бил убиен и Рогановиќ – вели соговорникот на „Курир“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.