Шумските пожари кои веќе две недели беснеат во Грција почнаа да стивнуваат во петокот, но итните служби се уште се на терен за да спречат ново разгорување на пожарот во централниот дел на земјата, каде жителите мораа да бегаат поради експлозии во магацин за муниција.

Од 17 јули, шумските пожари предизвикани од силните ветрови и високите температури однесоа пет животи и уништија бројни домови, фарми и фабрики. Исто така, изгорени се огромни шумски површини.

Во тешко погодената област Магнезија, шумски пожари зафатија складиште за муниција на воздухопловните сили во близина на крајбрежниот град Неа Агалос во четвртокот. Пожарот предизвика силни експлозии, а крајбрежната стража извести дека луѓето избегале по копно и море во градот Волос.

Борбените авиони беа префрлени на блискиот воен аеродром како мерка на претпазливост.

Ударниот бран од експлозиите се почувствувал со милји подалеку, каде што прозорците биле скршени, а куќите и продавниците биле потресени.

Грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас нареди истрага за инцидентот во петокот.

Пожарникарите, и покрај натчовечките напори, не успеаја да ги стават под контрола пожарите во поширокото подрачје на Волос и Агиалос. Им помагаат пет канадери и хеликоптер, но силниот ветер постојано го разгорува огнот и поттикнува создавање на нови пожари.

Во индустриската зона Волос втор ден по ред се прекинати сите активности поради пожарот.

На Родос, од кој беа евакуирани повеќе од 20.000 туристи и локални жители, пожарите конечно стивнаа, откако уништија 10 отсто од земјиштето на островот. Екипите се уште се на терен 11 дена по ред за целосно да ги изгаснат сите пожари.

Пожарот на Крф исто така се смирува, соопштија локалните власти.

Научниците од World Weather Attribution (WWA) Институтот веруваат дека топлотните бранови што ги погодија делови од Европа и Северна Америка во јули се резултат на климатските промени, кои сами по себе се поврзани со човековата активност.

Тие „веќе не се исклучителни настани“ и во иднина „ќе бидат уште поинтензивни и почести доколку емисиите не се намалат брзо“, заклучија истражувачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.