Освен на српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц испратиле писмо и до премиерот на Косово – Албин Курти, и тоа со речиси идентична содржина.

Истите пораки ги пренеле лидерите на двете земји од ЕУ. Тие го информирале Курти дека назначиле по еден советник за поддршка на Мирослав Лајчак, но и предложиле тројцата заедно да ги посетат Белград и Приштина.

Во писмото се наведува дека му го испраќаат на Курти во „клучен момент и за безбедноста на европскиот континент и за стабилноста во регионот на Западен Балкан“.

„Убедени сме дека во светлината на руската агресија против Украина, мораме да направиме уште посилни напори за да ја направиме европската перспектива на земјите од Западен Балкан реалност и да ги решиме долготрајните билатерални и регионални спорови“ – посочија тие.

Тие наведуваат и дека целосната нормализација на односите меѓу Белград и Приштина е од клучно значење за Западен Балкан, а како и досега ги повикаа Вучиќ и Курти да бидат подготвени за „тешки одлуки“.

„Ви се обраќаме како лидер на вашата земја да апелираме до вас да покажете максимална решителност и подготвеност да донесете тешки одлуки кои водат до напредок во дијалогот Косово-Србија предводен од ЕУ“ – се вели во писмото.

Тие, исто така, посочија дека неодамнешните тензии покажаа дека итно се потребни конструктивни чекори напред, како на практично, така и на политичко ниво.

„Затоа, ги задолживме нашите советници за надворешна и безбедносна политика, г-дин Јенс Плотнер и г-дин Емануел Боне, директно да го поддржат Мирослав Лајчак во неговите напори“ – се додава во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.