Поради високите температури, кои достигнуваат и над 40 Целзиусови степени, од почетокот на месецов во Грција починаа шест туристи, а неколкумина се водат за исчезнати.

Последната жртва е 67-годишен Германец, кој е пронајден мртов на островот Крит. Како што соопшти вчера грчката полиција, туристот во неделата сам излегол на прошетка, а по неколку часа ѝ се јавил на сопругата и рекол дека не се чувствува добро.

Операцијата за пребарување и спасување започна веднаш и специјалната единица за спасување со дронови забележа тело на маж во кањонот Трипити, изјави полициски претставник за Ројтерс.

Спасувачките екипи трагаат и по две Французинки на островот Сикинос, на возраст од 73 и 64 години и 59-годишен американски полицаец кој одмарал на островот Аморгос.

Уште еден Американец беше пронајден мртов на грчкиот остров Матраки во Јонско Море минатата недела, а холандски турист беше пронајден мртов на егејскиот остров Самос претходно овој месец.

Телото на британскиот ТВ водител Мајкл Мозли беше пронајдено на 9 јуни на островот Сими во Егејско Море, по четиридневна операција за пребарување со авиони, дронови и чамци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.