Министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ изјави дека Србија не може да ги прифати резултатите од референдумите во украинските региони поддржани од Русија бидејќи, како што истакна, тоа би било целосно спротивно на српските државни и национални интереси, јави дописникот на МИА од Белград.
– Од една страна, нашата принципиелна посветеност на принципите и правилата на меѓународното јавно право, Повелбата на Обединетите нации, а од друга страна тоа би било целосно спротивно на нашите државни и национални интереси, целосно спротивно на нашата политика на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и посветеност на принципот на неповредливост на границите, истакна Селаковиќ на прес-конференција.
На прашањето за Договорот што беше потпишан со Русија, кој пред два дена во Њујорк во ОН тој го потпиша со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, Селаковиќ рече дека станува збор за документ кој не содржи прашања за усогласување на безбедносната политика.
– Тоа е документ кој се потпишува од 1996 година, тоа е техничка работа, која особено оваа година, покрај билатералните консултации кои се однесуваат на Обединетите нации, а што за нас е особено важно поради Косово, нема како тема консултации за безбедносната политиката, посочи тој.
Селаковиќ рече дека со потпишаниот Договор се регулираат билатералните односи, но и мултилатералните и дека таков договор се потпишува со години. Имајќи ја предвид актуелната ситуација, Селаковиќ наведе дека негов личен став е дека Србија можела да одбие да го потпише Договорот, но дека во него не гледа ништо суштински спорно на тој план за да се прекине соработката меѓу Србија и Русија.
Тој кажа дека за време на неговата посета со претседателот на Србија, Александар Вучиќ на ОН во Њујорк, биле потпишани 13 договори, протоколи и меморандуми, додавајќи дека главни теми на тие средби се однесувале на прашањето за Косово. об/ми/
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.