Европскиот парламент вчера усвои резолуција за изборите во Србија, во која, според финалниот нацрт, се бара меѓународна истрага, a од Европската комисија се наложува доколку се докаже изборна кражба, да се укинат пристапните фондови на ЕУ кон Србија. Опозициските медиуми во Србија го анализираат и делот од резолуцијата во кој се споменува „Извештајот на Прибе“ кој би требало да биде модел со кој би се преземале чекори кои би довеле до повторно воспоставување доверба на јавноста во институциите и за проценка и решавање на системски прашања на владеење на правото во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Според Нова.рс меѓународната истрага би можела да ја води комисија по моделот на онаа во Македонија предводена од Рајнхард Прибе, а предуслов за тоа е договор меѓу Европската комисија и српските власти.
-Не сум сигурен дека српската влада би можела да си го дозволи тој луксуз да ја отфрли работата на таа комисија, изјави Никола Буразер од Центарот за современа политика.
Агенцијата ФоНет, Н1, Нова.рс и други медиуми во анализата наведуваат дека Извештајот на Прибе беше креиран во 2015 година, кога пензионираниот директор на Европската комисија Рајнхард Прибе предводеше тим експерти кои посредуваа меѓу актерите во Македонија, во екот на политичката криза, и составија извештај за системските проблеми со владеењето на правото во таа земја.
-Во Резолуцијата на ЕП за изборите во Србија се наведува дека ЕП го поддржува брзото распоредување на ад хок мисија за проверка на факти во Србија, со учество на Европскиот парламент и ја повикува Европската комисија да покрене иницијатива за испраќање експертска мисија до Србија да ја процени ситуацијата со неодамнешните избори и постизборните настани во обид да се олеснат предусловите за воспоставување на потребниот социјален дијалог, токму врз основа на примерот на „Извештаите на Прибе“ во Македонија и Босна и Херцеговина, соопштија медиумите.
Мотив за Прибеовиот извештај беше објавувањето на незаконски прислушувани телефонски разговори со кои беа разоткриени бројни коруптивни практики на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, вклучително мешање во работата на правосудството, манипулација со изборниот процес, контрола врз медиумите и целосна недостаток на надзор над безбедносните служби.
Според оценките, независните експерти биле подиректни во дијагностицирањето на проблемите од извештаите на ЕК кои биле напишани премногу на технички јазик.
Прибе и неговите соработници можеа да излезат од формализираното известувањето на ЕУ, но извештајот сепак го носи авторитетот на ЕК, која го нарача и објави.
Набргу по објавувањето на „Извештајот на Прибе“, со посредство на претставниците на ЕК, Едуард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, беше склучен Пржинскиот договор меѓу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, што доведе до преодна влада и услови за фер избори, кои се одржаа година и пол подоцна.
Ваков извештај беше подготвен и за Босна и Херцеговина и објавен во 2019 година.
Во тој случај беше констатирано „загрижувачко назадување“ во областа на владеењето на правото и беше истакнато дека правосудниот систем не успева да се справи со сериозни случаи на криминал и корупција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.