Ставот дека „европската перспектива на Западен Балкан е од политички и економски интерес на Европа“, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу го повтори и на свечената вечера во претседателската палата во Атина во чест на претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на средбите со црногорскиот претседател кој е во дводневна официјална посета на Грција, и Сакеларопулу и грчкиот премиер, уште еднаш ја истакнаа грчката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, потенцирајќи ја важноста на интеграцијата за целиот регион.

-За Грција перспективата на целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ е од политички и економски интерес на Европа, особено во овој период на зголемени регионални и глобални предизвици, истакна грчката претседателка за време на синоќешната свечена вечера.

Истата позиција ја изрази и на официјалната средба со нејзиниот црногорски колега, вчера напладне кога додаде дека е „апсолутна поддршката на Грција на иницијативата на француското претседателство со Советот, за да не се изгуби моментумот на политичката за проширување на Западен Балкан“.

ЕУ перспективата на регионот беше во фокусот и на средбата на Ѓукановиќ со грчкиот премиер, а Мицотакис рече дека „Грција ќе продолжи да се бори, да ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан“.

-Европскиот пат на Западен Балкан е апсолутно неопходен за да обезбедиме стабилност и просперитет во нашиот поширок регион, рече Мицотакис.

Ѓукановиќ, се согласи со ставот на грчкиот премиер и истакна дека Црна Гора е апсолутно уверена дека единствениот начин за да се воспостави стабилност и развој на Западен Балкан е преку европската и евроатлантската интеграција, а на регионот му е потребна помош и поддршка од Грција, „пред сѐ за да се надмине недостатокот на интензитет во политиката за проширување на ЕУ и да бидеме поефективни во заштитата на нашиот регион од малигното влијание на трети страни“.

-Се потпираме на пријателството со Грција и се потпираме на вашето добро познавање на состојбите во регионот, а во исто време и на вашето влијание во ЕУ за на правилен начин да се разберат придобивките од европската иднина на нашиот регион, за нашиот регион, но и за Европа во целина, порача црногорскиот претседател.

За време на средбата, Ѓукановиќ го поканил Мицотакис да ја посети Црна Гора, а грчкиот премиер ја прифатил поканата.

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ од вчера е во дводневна официјална посета на Грција, а денеска ќе се сретне со атинскиот градоначалник Костас Бакојанис и ќе положи венец на гробот на генерал Васо Брајовиќ Мавровуниотис (Црногорски). ср/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.