САД продолжуваат да ги охрабруваат Грција и Турција да работат заеднички за одржување на мирот и безбедноста во регионот и да ги решат сите разлики по дипломатски пат без да се дигаат тензии во време на криза.

– Треба да останаме фокусирани на тоа што е колективна закана за сите нас, а тоа е руската агресија, истакна портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.

– Во време кога Русија уште еднаш изврши инвазија на суверена земја и кога трансатлантската и меѓународната заедница стојат со народот на Украина против руската агресија, основен услов е да не се прават изјави и постапки кои можат да подигаат тензиите меѓу членки на НАТО, рече тој.

Изјавата доаѓа откако Анкара викендов ја обвини Атина дека на 18 и 21 септември со воени бродови стационирала американска воена опрема како оклопни возила на островите Лесбос и Самос, кои според меѓународен договор треба да се демилитаризирани.

Според договорите од Лозана и Париз од 1923 и 1947 година, 21 остров во Егејското Море се дадени на Грција, но под услов тие да се целосно демилитаризирани. Грција се спротивставува на ова и од 1961 година распоредува војници на островите стравувајќи дека турските сили можат лесно да извршат истоварување, бидејќи се на блиско растојание од Турција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.