Во писмото до европските лидери и институции, бугарскиот претседател Румен Радев апелира приемот на Република Македонија (РМ) во Европската Унија (ЕУ) да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика.

Во писмото, Радев нагласува дека отсекогаш ја изразувал и бранел принципиелната позиција на Бугарија за доследна поддршка на европската интеграција на  Македонија, како што земја блиска до нас, со која споделуваме заедничка историја, традиции и културно наследство. Истовремено, бугарската држава отсекогаш ги истакнувала главните принципи на кои се заснова процесот на проширување на ЕУ, оние на сопствените заслуги и исполнувањето на критериумите за членство преку сеопфатни општествено-политички реформи. Затоа, со оглед на сложеното историско оптоварување на нашиот регион, според претседателот, во овој процес посебен фокус има прашањето за почитување на принципите на добрососедство и човекови права, посочуваат од прес-службата на претседателот.

Според Радев, настаните на кои денес сме сведоци покажуваат опипливо повлекување од воспоставениот пат. Наоѓањето на компромис прифатлив за двете земји, постигнат од Европскиот совет во јули годинава, се уште не доведе до решение на проблемите, смета Радев, пренесуваат бугарските медиуми.

Скопје наместо да работи на исполнување на условите, повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат „црни списоци“ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница – случаи на физичко насилство, зачестува административно и судско малтретирање на луѓе со бугарска самосвест, палење и пукање врз нивните културни клубови, постојани закани за нивните работни места само затоа што се Бугари. Оваа атмосфера во голема мера го попречува развојот на трговските, економските и културните врски меѓу двете земји, се вели во писмото.

Радев ја посочил резолуцијата на германскиот Бундестаг како пример за наметнување на главниот наратив на политичките кругови и медиумите во Република  Македонија за односите со Бугарија, во кој доминира тезата дека Бугарија не го прифаќа идентитетот на  Македонија.

Сепак, факт е дека Бугарија никогаш не го оспори правото на граѓаните на  Македонија да го дефинираат својот модерен идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на државата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година, изјавил Радев.

Истовремено, во резолуцијата се повикува Бугарија да не поставува дополнителни услови за прием на РСМ во ЕУ. Во таа насока, шефот на државата нагласува дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата е само прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство. Но, не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Македонија, се наведува во писмото на Радев, објавено од бугарските медиуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.