Снегот проследен со силни ветрови предизвика хаос во речиси сите земји на Балканот, од каде известуваат за колапс во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Во Србија, снежните врнежи создадоа хаос на патиштата, поради што властите апелираат до возачите да бидат внимателни. Активирани се метеоаларми низ целата земја, а во одредени делови истовремено се издадени три предупредувања.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 192.RS (@192_rs)


Црногорското приморје денеска беше погодено од силен јужен ветер и дожд, а во Херцег Нови големи бранови го поплавија шеталиштето.

Подгоричкиот портал „Дан“ објави фотографии од читатели со коментар дека ова е изненадување за гостите на градот, но не и за локалното население кое е навикнато на вакви сцени. Брановите претставуваат предизвик за минувачите покрај брегот.

Поради најавеното невреме, во Црна Гора е активиран црвен метеоаларм.

Во Федерацијата БиХ снегот предизвикува проблеми, особено на западот и југозападот, каде што поради ниските температури се предупредува на појава на мраз на коловозите. Во Херцеговина, силните ветрови и дождот го отежнуваат сообраќајот, а слична состојба е и во другите делови на БиХ.

Во Бихаќ, силниот ветер направи големи проблеми – освен што предизвика штета на новоизградената спортска сала, го урна и покривот на едно средно училиште. Засега нема информации за повредени лица. Ветрот исто така урна дрвја кои паднаа врз паркирани автомобили.

Во Бања Лука и низ поголемиот дел од Република Српска, снегот предизвика сообраќајни проблеми поради нерасчистените патишта и бројни дефекти на електроенергетските системи. Од Градската управа на Бања Лука информираат дека сите екипи за зимска служба се на терен.

Проблеми со врнежите има и во населените места како Пријечани, каде што се излеале отпадните води. Некои автобуски линии не сообраќаат, а населбата Долна Кола остана без струја. Интензивен снег паѓа и во селата околу Поткозарје, Градишка и Лакташи, каде што некои патишта се едвај проодни, пренесува Блиц.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 192.RS (@192_rs)

Жителите од овие краишта велат дека снегот за празникот Свети Архангел Михаил (21 ноември) последен пат паднал пред 25 години.

Во делови од Хрватска, снегот и силните ветрови предизвикаа блокада на патиштата и прекини во снабдувањето со струја. Во Шибеник, плимата поплави улици и кафулиња. Снег паѓа во Горски котар, Лика и делови од копнената Хрватска, вклучувајќи го Загорје, Меѓимурје и Славонија. На Јадранот, силниот ветер урива дрвја и телефонски столбови.

Во Горски котар и Лика, моментално нема достапни патни правци од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра за товарни возила со приколки и возила без зимска опрема. Во прекин се и дел од катамаранските линии, додека во Шибеник, плимата поплавува сообраќајници и кафулиња.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.