Во Белград, пред зградата во која се сместени повеќе министерства, меѓу кои и она за градежништво, транспорт и инфраструктура, како и републичкото обвинителство, протестираат активисти кои бараат оставка од министерот Горан Весиќ.

Пред влезот на министерството е распоредена полициска единица.

Иван Бјелиќ, активист на групата „SviĆe“ (Се разденува, но и Сите ќе), во име на насобраните побара Весиќ брзо да поднесе оставка, во спротивно владата ќе биде „одговорна за она што ќе следи во вторник во Нови Сад“, каде е планиран поголем протест.

Дел од насобраните активисти, кои претходно се собраа на протестот кај старата железничка станица поради трагедијата во Нови Сад, имаат обоени ракавици во црвено, носат транспаренти „рацете ви се крвави“- како порака до властите, а во исто време извикуваат „оставка“, пренесува Бета.

Ќе го уапсите ли министерот Весиќ? Дали некој го прашал дали дал оставка. Најверојатно се сокрил во дупка за стаорци“, ги прашал Бјелиќ полицајците читајќи ги нивните имиња од значките на униформите.

Активистите најавија дека овој протест е само почеток на граѓанската непослушност и дека ќе учествуваат и на протестот во Нови Сад, како и дека ќе бидат порадикални, доколку дотогаш не се поднесат оставки поради трагедијата во Нови Сад.

Копретседателката на „Заедно“ Билјана Стојковиќ за ТВ Н1 изјави дека власта ги довела граѓаните во очај и гнев и дека е невозможно повеќе да се разговара со властите „бидејќи тоа би значело да се согласат со нивните игри“.

Активистите беа информирани дека во меѓувреме нешто пред пладне е ослободен Никола Ристиќ од организираната група „SviĆe“, кој беше приведен пред протестот кај старата железничка станица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.