Според над 80 отсто од обработениот примерок гласови извесно е дека кандидатот на Демократската партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ и кандидатот на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ ќе се соочат во втор круг на претседателските избори во Црна Гора.

Вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, на 2 април.

Првите проекции покажуваат дека актуелниот претседател Ѓукановиќ има меѓу 35 и 36 отсто гласови, а Милатовиќ меѓу 28 и 29 отсто гласови. Кандидатот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ е на трето место со 19,8 отсто од гласовите, а Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора освоил 11,5 отсто. Кандидатот на СДПА Драгиња Вуксановиќ Станковиќ има околу 3 отсто од гласовите, Горан Даниловиќ од Обединета Црна Гора има 1,5 отсто, а независниот кандидат Јован Радуловиќ под еден отсто.

Според црногорското изборно законодавство, за да биде избран во првиот круг некој од кандидатите треба да освои над 50 отсто од гласовите. Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, а учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови. Претседателот на државата се избира со мандат од пет години. Право на глас на претседателските избори во Црна Гора имаат 542.154 граѓани.

Изборите денеска ги следеа набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и набљудувачката мисија на Европскиот парламент, како и набљудувачи од локалните невладини организации.

Дел од светските медиуми ги анализираат резултатите и очекувањата во Црна Гора. Според Асошиејтед прес неизвесно е дали малата земја-членка на НАТО ќе го деблокира патот кон ЕУ или ќе ги подобрува релациите со Србија и со Русија.

Ѓукановиќ ги прикажа претседателските избори како избор помеѓу независна Црна Гора и земја контролирана од Белград и Москва.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.