Во шест фирми во Атина поврзани со нелегалниот софтвер за следење Предатор, извршила претрес Службата за борба со електронски криминал по добиен налог од грчкото обвинителство, објави весникот „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно во рамките на истрагата, според грчкиот весник, претрес бил извршен и во домовите на вработени во конкретните фирми.

Државната новинска агенција АНА-МПА објави дека станува збор за широка операција на обвинителството со ненадејни претреси, а во фокусот се најмалку шест компании поврзани со конкретниот софтвер.

Според информациите на кои се повикува АНА-МПА, обвинителите кои ја водат истрагата искористиле податоци од изминатите денови, но и документи, како и изјави на сведоци.

Согласно натписите во медиумите во Грција од изминатиот период, политичари, бизнисмени, новинари и сл биле прислушувани и од Националната служба за разузнавање, но и со помош на нелегалниот софтвер Предатор.

Ставот на грчката Влада е дека ниту тие, ниту пак некоја државна служба никогаш не го набавиле или користеле конкретниот софтвер.

Во петокот, Парламентот го изгласа новиот закон за Националната служба за разузнавање (ЕИП) и безбедност на комуникациите, кој меѓу другото, предвидува и целосна забрана на поседување, употреба или трговија на нелегални софтвер за следење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.