Австрија испрати нон-пејпер за дискусија пред Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан што ќе се одржи на 23 јуни во Брисел.

 

– Треба да размислуваме надвор од постоечкото значење на проширување и соседство и да користиме потенцијали кои досега не сме ги искористиле. На патот кон полноправно членство мораме да создадеме можности за интеграција на овие земји во политичката арена, кои носат конкретни придобивки за земјата и нејзините граѓани.Ние сакаме и ни требаат земјите од Западен Балкан со нас. Тие се клучни партнери и интегрални членови на европското семејство, затоа треба да го преиспитаме нашиот пристап кон проширувањето и соседската политика. Проширувањето не е само бирократска процедура, туку најмоќниот геостратешки инструмент – се наведува во документот.

 

„Процесот предизвика фрустрација“

Австрија во својот документ наведува дека процесот на проширување досега не донел реални резултати и предизвикал фрустрација во регионот.

Затоа, Австрија предлага постепена интеграција и заеднички пазар на ЕУ, вклучувајќи слобода на движење на стоки, услуги, укинување на царините за земјоделските производи, но и слобода на движење на работна сила, услуги и капитал.

Процесот на интеграција, според нон-пејперот, би останал заснован на заслуги и секоја земја би се оценувала врз основа на нејзината усогласеност со стандардите и реформите на ЕУ.

Фондовите како мотивација

Пристапот до фондовите на ЕУ ќе биде мотивација за реформи и усогласување со политиките на ЕУ, рече Виена.

Документот од Виена предвидува и покана до земјите од Западен Балкан на неформални состаноци на Европскиот совет, додека другите институции на Унијата би имале статус на набљудувач.Самитот ЕУ-Западен Балкан треба да се одржува еднаш годишно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.