Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа го поздрави вчерашното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама пред Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) во врска со извештајот на Дик Марти за наводните злосторства на Ослободителната војска на Косово во војната од 1998-99 година.

Во објава на неговата страна на Фејсбук, Мустафа вели дека Рама пред ПС на СЕ „искажал една голема вистина“, со што се покажа како „вистински гласноговорник, со полно достоинство, на вистината за Косово и за неговите борци за слобода“.

Според Мустафа, додека албанскиот премиер го бранел Косово, косовските водачи си ги бранат своите фотелји.

Еди (Рама) ја заслужува нашата поддршка и нашата благодарност, на оние кои го сакаат и кои не го сакаат, бидејќи тој зборуваше со аргументи, додека некои од нас сме обземени од омраза и примитивно инаетење. Еди застана во одбрана на Косово, додека нашите водачи си ги бранат своите вотелји – напиша Мустафа.

Косовскиот премиер, Албин Курти, прашан од новинарите да го коментира говорот на Рама, изјави дека бил многу зафатен и немал време да го слушне.

Дел од медиумите забележаа дека веднаш откако рече дека не го чул, Курти изјави дека „не може да се зборува за војната во Косово и да се брани Косово без да се спомнат злосторствата на Србија во Косово“.

Рама во своето обраќање во СЕ побара преиспитување на Резолуцијата 1782 од 2011 година за извештајот на Дик Марти и да ги прогласи неговите обвинувања за наводна трговија со човечки органи, преку некаква „жолта куќа“ на албанска територија, за време на последната војна во Косово. Според него, нема ниту еден доказ за тврдењата на Марти, а со тоа паѓаат во вода и обвинувањата за злосторства врз цивилите од страна на водачите на ОВК, на кои им се суди во Специјалниот суд за Косово во Хаг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.