Полска продолжува да купува руски природен гас од Германија преку обратен тек, откако и беа прекинати директните испораки поради одбивањето да плаќа во рубљи, објави рускиот енергетски гигант „Гаспром“.

Оваа недела Полска одби да го плати рускиот гас под нови услови, во рубљи. Беше гласно објавено дека повеќе не им треба руски гас и нема да го купуваат повторно. Но, всушност, Полска продолжува да купува руски гас и откако беше прекината директната испорака. Тие сега купуваат гас од Германија, од каде гасот се враќа во Полска во спротивна насока преку гасоводот Јамал-Европа – изјави портпаролот на „Газпром“, Сергеј Купријанов.

„Газпром“ во средата објави целосен прекин на извозот на гас во Полска, откако Варшава одби да го плати горивото во рубљи, според новиот механизам за плаќање, почнат претходно овој месец. Според „Газпром“, испораките нема да продолжат додека Варшава не ги исполни новите услови.

И испораките за Бугарија беа стопирани поради истата причина.

Според податоците на германската мрежа за пренос на гас „Гаскад“, полска во средата пет пати ја зголемила понудата за обратно снабдување со гас од Германија.

Пред еден месец полскиот премиер Матеуш Моравјецки порача дека неговата земја ќе го забрани целиот увоз на руски гас, нафта и јаглен до крајот на годината.

Неговиот став во средата го повтори ополномоштениот претставник на полската влада за стратешка енергетска инфраструктура, Пјотр Наимски, кој изјави дека Варшава повеќе нема намера да купува гас од руски компании.

Во исто време, полскиот премиер се обиде да ја убеди својата земја дека гасот ќе продолжи да стигнува до полските домаќинства.

Ќе направиме се за луѓето да можат да ги загреат домовите и да готват оброци – порача Моравјецки во средата, откако Газпром ја „затвори чешмата“.

Полскиот заменик министер за внатрешни работи и администрација Павле Шефернакер во четвртокот објави дека неколку десетици општини останале без гас поради санкциите што Варшава ги воведе кон рускиот енергетски гигант „Новатек“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.