Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во саботата, на крајот од средбата со лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во Истанбул, ги повика Палестинците „на единство“ против Израел.

„Клучно е Палестинците да дејствуваат обединети во овој процес. Најсилниот одговор на Израел и патот до победата е преку единство и интегритет“, рече Ердоган.

По тензијата меѓу Израел и Иран со меѓусебните удари, Ердоган посочи дека „она што се случи неодамна не треба да резултира со јакнење на Израел“. Рече и дека „важно е да се дејствува на таков начин што фокусот да остане на Газа“, се вели во соопштението на турското претседателство.

На крајот, турскиот претседател истакнал дека Турција „ќе продолжи со хуманитарната помош за Палестина со цел колку што е можно да ги олесни страдањата“ на жителите на Газа, се вели во соопштението.

Турција е една од земјите кои од почетокот на конфликтот испраќаат помош за населението на палестинската територија. Досега веќе испрати 45.000 тони храна и лекови во регионот.

Ердоган, исто така, потсети дека неговата земја воведе „низа санкции против Израел, вклучително и трговски ограничувања“. Трговските ограничувања се во сила од 9-ти април.

Ханија пристигна во Истанбул во петокот вечерта предводејќи ја делегацијата на неговото движење.

Турската метрпола, инаку е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, Ханија официјално бил таму само еднаш, во јануари.

Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор. Во сабота Фидан ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.

Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана настрана во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.

Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога како посредник во разговорите за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.