Денеска почнува пописот на населението во Црна Гора, откако власта и опозицијата постигнаа договор за построгите услови под кои ќе се одвива.

Исполнети се условите за да се одржи пописот и ги повикуваме сите граѓани слободно да се изјаснат, изјави вршителот на должност претседател на опозициската Демократска партија на социјалистите Данијел Живковиќ.

Живковиќ вели дека доколку бидат забележани неправилности или злоупотреби, во секој момент можат да реагираат и да го прекинат пописот и ги повика граѓаните да ги информираат доколку забележат притисоци.

Црногорскиот премиер, Милојко Спајиќ, ги поздрави напорите и придонесот на сите кои учествуваа во преговорите и подготовката на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

Спајиќ на платформата „Х“ напиша дека покажале оти Црна Гора има функционални институции и одговорни поединци подготвени да градат мостови за европската иднина.

Претходната влада на премиерот Дритан Абазовиќ го закажа пописот за 1 ноември, но опозицијата најави бојкот. Новата Влада на премиерот Милојко Спајиќ првично го одложи за 30 ноември, а дополнително за 3 декември на барање на опозицијата.

Пописот на населението во Црна Гора требаше да се одржи во 2021 година, кога беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, а не беше одржан ни во 2022 година, како што беше објаснето, поради технички причини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.