Заинтересирани сме за создавање на гасоводот Петрич-Струмица,  рече министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши за БНТ, истакнувајќи дека цел на Владата е продлабочување на соработката со Бугарија, како и со другите соседни земји, јави дописникот на МИА од Софија.

Тоа, посочи Бектеши, важи и за енергетскиот сектор, особено за диверзификацијата и снабдувањето со гас на Македонија. Друг важен фактор е зајакнувањето на безбедноста на снабдувањето со гас во Македонија, бидејќи мора да се има предвид дека во Скопје производството на топлинската енергија доаѓа од снабдувањето со гас. Македонија е заинтересирана самостојно да се приклучи на терминалот за течен природен гас во Александрополис. Тој коментира дека Скопје е во постојан контакт со инвеститорите, но и со учесниците на терминалот, што значи дека е во контакт и со Бугарија, која е и еден од инвеститорите во него.

Според македонскиот министер за економија, ова може да го зголеми количеството на гас во регионот на Западен Балкан и со тоа да ги намали цените на бензинот, а со тоа да доведе до поголеми можности и за Александрополис и за постоечкиот гасовод со Бугарија, како и за ТАНАП.

Како што вели Бектеши, годинава Македонија ќе започне со изградба на интерконектор со Грција, кој ќе биде вклучен во мрежата на локалниот оператор ДЕСПА. Така, Македонија е повеќе од заинтересирана за секоја можност што ќе ја зголеми можноста за зголемување на количествата гас, како и безбедноста на нивното снабдување, што ќе влијае на цените на производството, а во иднина и на приватните потрошувачи.

-Со воспоставување подобри контакти меѓу туристичките компании од Македонија и Бугарија може да се постигнат подобри резултати. По периодот на Ковид-19, се враќаме на посериозни економски активности, како што е формирањето на нови авиолинии, како и инвестициите во инфраструктурата, како што е експресниот пат до границата со Бугарија. Работиме и на реализација на железничката пруга и убеден сум дека со овие акции ќе се зголеми бројот на туристи од двете страни на границата, вели Бектеши.

При крај сме, посочи, со потпишувањето на најавениот меморандум за соработка во туризмот и очекуваме да биде потпишан во април. Една од точките на овој документ е двете земји да учествуваат на саеми за туризам и настапи во трети земји, за да можат странските туристи да ги посетат и Македонија и Бугарија.

-Авиокомпанијата Софија-Скопје може да се прошири, најавува Бектеши, кој во тек на неодамншените разговори со тур-операторите рече дека треба да се искористи секоја можност за поврзување и на Варна и на Охрид и Тирана, бидејќи, како што наведе, можеме да создадеме заеднички туристички производи, кои исто така би биле важни за соработката во Коридорот 8, кој води кон развој на сите земји по неговата траса



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.